СЀ НИ Е ЗАЛУДНО, АКО НЕ ГО СОЧУВАМЕ ИМЕТО ХРИСТОВО!

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, Амин!

И оваа вечер повторно се собравме сите, драги браќа и сестри, во овој соборен манастирски храм, да го прославиме оној, којшто по зборовите Христови е најголем меѓу луѓето, односно како што рече самиот Христос: Нема меѓу луѓето родени од жена, поголем од Јован Крстител!

Тој самиот, кој ги подготви патиштата Господови уште пред Христа, повикуваше на покајание и на преобразување, на поправање на нашите животи, да можеме со чисти срца и со очистени души, покајани и просветлени, да Го пречекаме самиот Христос, самиот Месија и Спасител, Кој вистински ќе ни ја објави Евангелската вистина за вечното Царство Христово, за вечниот и блажен живот на Небесата.

Светиот Јован Крстител уште се нарекува и глас кој вика од пустината, ангел во тело, бидејќи тој уште од самото свое најрано детство, уште како младенец останал да живее во пустината и самите ангели го воспитуваа и самите ангели го подготвуваа да постане подобен на нив, да постане вистински земен ангел, кој ќе биде Пророк, Претеча и Крстител Господов и кој ќе ги подготви срцата на тогашните закоравени јудејци, книжници и фарисеи и на сите оние коишто застраниле од патот Божји, коишто застраниле од патот на вистинските морални и Божји заповеди.

И денес гласот на Свети Јован вика кон нас: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!

Тој повик постојано се упатува од сите православни храмови на сите Свети Литургии, тој повик е почеток и темел на нашето обраќање кон Христа, на нашето обраќање кон Божјиот пат, кон патот на добродетелите, кон патот на вистинскиот благочестив и христијански живот.

И денес и во иднина, сè до крајот на светот, ќе биде актуелен тој повик Христов, тој повик на Светиот Претеча и Крстител Господов: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!

И денес тој глас треба да ни одѕвонува во ушите, и денес тој глас треба да нè потсетува за нашата вистинска смисла на овој земен живот, за нашето вистинско назначение, за нашиот вистински пат кон Небесната Татковина, кон прегратките на Небесниот Отец и треба да нè разбуди од гревовниот сон, да нè разбуди од сонот на мрзливоста, да нè повика од патот на страстите, од патот на похотите, од патот на постојаното угодување на нашето тело во овој земен, минлив и трулежен свет, за духовно да станеме и да почнеме да работиме на спасението на својата душа и на душите на нашите ближни.

Денеска сè повеќе во светот ги гледаме и ги забележуваме знаците, на коишто и самиот Христос, пророците, апостолите, светителите и старците ни укажаа, а коишто ќе го предвестуваат крајот на овој земен свет, коишто ќе го предвестуваат и Второто Христово доаѓање, коишто ќе ни укажуваат дека времето забрзано одминува и дека се приближува страшниот Суд Христов, на којшто сите ќе треба да дадеме отчет и одговор за нашиот земен живот. Дали сме го потрошиле за задобивање на вечни и нетрулежни блага, дали сме го потрошиле да ги подготвиме нашите души и тела да постанат храмови Божји, храмови на Светиот Дух, дали овој наш земен живот сме се потрудиле да го претвориме во постојано богослужение, во постојано славење на Името Христово, на Името Божјо со нашите добри дела, или пак духовно сме спиеле и сме биле мрзливи, сме ги закопале своите таланти коишто Бог ни ги дал секому од нас и животот сме го поминале во земни страсти, во земни богатства, во земни раскоши, угодувајќи му на телото, угодувајќи си на своите суетни желби и похоти.

Една од главните карактеристики, од главните белези на времињата, која треба да ни го покаже приближувањето на Судот Христов, е губењето на љубовта најпрво помеѓу нас христијаните. Во Светото Писмо се вели: Ќе се умножат беззаконијата и ќе олади љубовта кај многумина…

Најпрво треба ние да се запрашаме и да согледаме, колку кај нас се скаменети срцата, колку кај нас не можеме да се одлепиме од врзаноста за земјата, од приврзаноста за земните предмети и материјални блага и да се прашаме себеси: Дали во секој миг од нашиот живот сме подготвени да оставиме сè и да тргнеме по Христа, да оставиме сè и да појдеме по трнливиот пат на Крстот Христов, да ја задобиеме вечноста, да го задобиеме вечното блаженство во Небесното Царство Христово? Бидејќи, Христос не ни вети дека тука ќе живееме блажен, радосен и среќен земен живот, туку ни рече дека преку многу маки и неволји треба да стасаме до Царството Божјо.

Уште еден голем белег за исполнување на времето, по пророштвата на Светите Отци и Старци, е тоа дека во последните времиња толку многу ќе се рашири и ќе се умножи развратот во сите пори на општеството, од најмало до најголемо, толку многу, што луѓето ќе заборават дека нивните тела се храмови на Светиот Дух, ќе заборават на постоењето на Троичниот Бог, ќе заборават дека Бог нè повикал да постанеме синови и ќерки Божји по благодат, дека нè повикал да бидеме заедничари во Неговата Благодат, во Неговата Светост, во Неговото Воскресение и тука на земјата, а потоа и со Него да царуваме во вечни времиња на Небесата.

А што гледаме денеска? Сѐ уште духовно спиеме, сѐ уште се занимаваме со нашите суетни животни проблеми, искушенија и неволји врзани со што поголемо натрупување и зголемување на материјалните богатства и блага, со зголемување и подобрување на нашата материјална состојба и во семејствата, и во претпријатијата и во фирмите, а забораваме дека вистинската наша сигурност е само во Бога. Оти ако Бог допушти, ако Бог ја стави Својата рака, Својата десница, сето тоа за што трчаме и го спечалуваме, мислејќи дека во тоа ќе најдеме сигурност за нашиот иден земен живот, Он може во еден миг да го уништи, да ни го одземе и да нè остави такви какви што нè донел на овој свет.

Сè повеќе гледаме околу нас како се умножуваат беззаконијата, како се умножуваат блудните гревови, прељубите, блудствата и секаквите настраности и изопачености, па затоа мора и ние да повикуваме и да викаме за да се разбудиме духовно, за да не спиеме и како народ и како држава. Бидејќи мрачните сили сѐ повеќе делуваат преку своите слуги во овој земен свет, преку оние коишто сè повеќе го подготвуваат светот со новиот светски поредок, со новата светска религија на екуменизмот, го подготвуваат светот за доаѓањето на последниот лажен месија, за последниот лажен владетел – антихристот, кој ќе се постави себеси како „бог“ за сите да му се поклонат, кој ќе се постави себеси над сите и ќе сака да има контрола над сè и над секого.

Гледаме како уште во училиштата на нашите деца им проповедаат и им пропагираат секакви изопачености, со сите сили се трудат да наметнат полово воспитување во училиштата, со што на нашите најмлади уште од најмала возраст им пропагираат и ги учат на секаков разврат, на секакви изопачености и на секакви настраности. Трошат многубројни и големи финансиски средства западните силници, моќници и политичари, само да ја купат совеста од нашите деца и од нашите родители, бидејќи човекот којшто нема срам, којшто нема совест, на којшто совеста му е задушена, човекот којшто е претворен само во потрага за задоволување на своите земни похоти и страсти, е најпогодна почва да се манипулира со него и да се држи под целосна контрола.

Уште и ни пропагираат постојано, за тоа честопати зборувам и сега повторно ќе повторам, бидејќи токму во овој миг, паралелно со нашите сеноќни бдениски молитви коишто тука ги принесуваме, се случува вистински и силен напад на демонските мрачни сили и тоа во нашиот главен град, кадешто овие денови се одржува, ни помалку ни повеќе, туку конференција со претставници од нашите власти, со претставници и од политичари од странските и соседни држави, конференција на којашто се поддржуваат и расправаат за правата на содомитите. Нема да кажам на ЛГБТ-заедницата, туку ќе ги наречам со она име со коешто и треба да ги наречеме – содомити, бидејќи ги практикуваат содомските гревови. Конференција, чијшто наслов, ако не сте слушнале и не сте виделе во медиумите, е „Наспроти сè, иднината е наша“. Значи, наспроти силата Божја, наспроти Црквата, наспроти вековниот морален христијански поредок на нашата држава и на нашиот благочестив христијански народ, наспроти сите права на христијаните и на сите оние коишто сакаат да живеат вистински добродетелен и благочестив живот.

„Наспроти сè, иднината е наша“. Која е таа наша иднина? Дали Македонија ја подготвуваме да постане вистинска служителка, не на Бог Света Троица, не на Христос, туку на самиот сатана и на неговите демонски сили во овој свет?

Сега во овој период сите расправаме, се трудиме да се бориме, се трудиме да направиме сè да го сочуваме името на нашата држава, името на нашиот Македонски народ. Но, дали мрднуваме со прстот кога Името Христово го газат, кога хулат на Него, кога гледаме дека се унижува самиот Лик Христов, самото име христијанско, кога се обезличува самото подобие и образ Божји на човекот којшто Бог го создаде, кога гледаме дека се гази и по моралот и по честа на нашиот христијански народ, кога гледаме како слободно и без пречки на нашите деца им се проповеда изопачен морал, изопачени демонизирани сфаќања за нивната природа, за природата на нивните тела, за нашето потекло, за коешто тврдат дека не е Божјо.

Кога гледаме дека западните демонизирани сили се трудат со сите сили во позадина, наметнувајќи ни еден проблем со којшто ние ќе се занимаваме постојано, на задни врати да поминат многу закони, многу одредби и реформи кои ќе овозможат, како што тоа го навестуваат и на конференцијата којашто се одржува овие денови, да имаат права оние кои што ги практикуваат содомските гревови и ги проповедаат на целиот глас, наспроти мнозинството на благочестиви и православни христијани, кои сѐ уште ги има и ќе ги има до крајот на светот, и дека ќе се борат да ги сменат законите како би им овозможиле на оние кои ќе сакаат дури и полот да го променат, тоа да го променат и во матичната книга на родените…

До каде ќе оди ова наше безумие? До каде ќе оди оваа наша лудост и до кога ние со затворени очи ќе допуштаме да се случуваат секакви демонски напади и секакви настраности и во нашата држава?

Дали ќе се потрудиме ние самите да го дигнеме својот христијански глас и да се спротивставиме со сите сили на тие, досега невидени напади на лукавиот, од кога постои векот и светот? Или ќе допуштиме тоа мирно да помине и во нашата држава и во нашиот народ, па потоа со горко покајание, но залудно, со солзи во очите да гледаме како пред нашите очи нашите деца се развратуваат и одат по патот на сатаната, по патот на ѓаволот, како нашите деца го искривуваат образот Божји, по којшто Бог ги создал.

Најстрашното е што сите молчиме. Најпрво ние духовниците и свештениците молчиме, не повикуваме на будење, не повикуваме на покајание, не повикуваме на вистинско спротивставување на овие напади на демонските сили. Ако не трубиме на сиот глас, ако не повикуваме постојано на будност, ако не повикуваме на вистински протести заради зачувување, пред сè на името Христово, тогаш набрзо ќе биде многу доцна!

Бидејќи, залудно ќе се трудиме за било какво друго име да сочуваме, ако го згазиме и похулиме на името Христово. Сè ќе ни е залудно…

Ние, пред сè, се нарекуваме христијани! И првите маченици Христови, кога римските гонители ги прашувале од каде се, што се, кое е нивното потекло и како се нарекуваат, сите до еден кажувале и исповедале дека тие се христијани и дека се вистински последователи на Христовата Евангелска наука.

Ние повеќе сакаме да се удираме в гради за некои трулежни почести, за некои трулежни блага и трулежни слави во овој земен и минлив свет. Но, кога треба да го сочуваме и запазиме Името Христово, кога треба да ја запазиме честа и моралот на нашите родени деца, тогаш спиеме и сме мрзливи.

Да застанеме цврсто и да се спротивставиме на овој силен налет на злите духови. Бидејќи, ако не станеме, ако не застанеме цврсто, тогаш и ние лесно ќе му овозможиме со спрострени ќилими да влезе духот на западниот демонизиран свет и во нашите семејства, и во нашата држава и во нашите училишта, па дури и во нашите цркви и храмови, и тогаш сè ќе ни биде залудно. Тогаш ќе биде доцна и тогаш ќе треба да ги жнееме горките плодови на нашето непокајание и на нашето неисповедање на Верата христијанска.

Да се потрудиме сите денес, повторно да го слушнеме повикот на Светиот Јован Крстител, бидејќи тој не се плашеше да го изобличува ниту царот Ирод, кога грешеше незаконски со Иродијада, и поради тоа на Свети Јован му беше отсечена главата, но Бог го прослави и во овој свет и на Небесата, и во Небесната хиерархија, после Пресветата Богомајка стои самиот Свети Јован Крстител.

Архимандрит ДАМАСКИН

МАНАСТИР СВ. ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ