Доколку внимателно го прочитаме августовскиот текст на професорот Александар Дугин, кој се однесува на есхатологиите на светското ниво, кои практично се одразот и можеби првиот темел на многуполарниот свет, ќе увидиме дека есхатологијата како наука има голем значај, а од постојниот опис, дека се наоѓаме во свет со разновидни размислувања, кои можат да предвестат големи судири и/или големи сојузи.
Упростено, живееме во свет помеѓу две ери, или свет кој се движи кон нешто ново, свет на нагли промени, кои можат да бидат фатални за оние народи кои не се разбрале себеси доволно денес и во идната временска рамка!
Оттука мојата потреба за подробното проучување на македонската есхатологија!
Кратки прилози за историските македонски есхатологии
Пред да навлеземе во совремието, со цел да помислиме и се разбереме за кон иднината, не можеме без да погледнеме назад кон историјата.
Едни од првите пишани извори, кои ни говорат за посебноста на македонскиот политички ум, односно за контурите на македонската есхатологија, се од времето на Филип Втори Македонски. Тие говорат за спасот на македонската држава од пропаста со која се соочувала пред Филип да дојде на власт. Имено кога седнал на престолот Филип Македонски, наследил слаба и кревка држава сведена на многу мал простор, од планината Круша до Воден, и од Термајскиот (Солунскиот) Залив до Меглен. Филип, пред да тргне во стабилизација на Македонија, познато е дека држел беседи со кои повикувал на македонската слава и обединување на сите племиња од Илијадата (нашиот Полуостров и Анадолија) со цел одбрана на Македонија од нападите на илирските и тракиските племиња кои живееле околу и долго време ја пустошеле македонската територија, како и одбрана од колонизаторските политики на хеленските градови-држави. И откако ја консолидирал Македонија, итриот василевс Филип, се наметнал како хегемон врз цела Хелада, користејќи ја есхатологијата на Исократ, која говорела за обединувањето на сите хеленски градови-држави со цел одмазда против Персија, дури и под „варварски”, односно по етнос туѓ, но силен монарх каков што бил Филип Втори од династијата на Аргеадите.
Вториот момент од пишаните извори од историјата, кој ги оцртува контурите на следната македонска есхатологија е легендата за владетелот Мида и градот Гордион каде се наоѓал Гордиевиот јазол, кој ветувал суверена моќ врз цела Азија. Александар го пресекол јазолот со меч, и со тоа на есхатолошки (метафизички/психолошки) начин го отворил патот кон создавањето на новото светско владетелство. Од ахеменидската (персиската) перспектива, пак, во тој период се зборувало за трулежот на Истокот и за доаѓањето на Ариман од Западот. Во градот Ниса (денешен Туркменистан), податоците говорат, дека се одржала свечена церемонија за Александар Македонски и македонската војска, затоа што по истата траекторија се движеле и Дионис, и Херакле кон својот пат за Индија, а, и двајцата претходници застанале во овој древен град – настани кои говорат за уште една автентична македонска есхатологија, и според која василевсот Александар Трети само ја продолжувал традицијата на своите предци со својот поход кон Истокот.
По смртта на Александар Трети, ги согледуваме контурите на поинаков тип на македонската есхатологија, која на крајот завршила во полза на Римјаните (сличен момент како Филип Втори со Исократ), преку Клеопатра и Цезар. Во обид повторно да се обедини Истокот и Западот под еден монарх и династија, односно да се возобнови македонското светско владетелство, македонскиот поредок, завојувале македонските стратези меѓусебно, со што започнал периодот на Дијадосите, од кои најблиски до целта за остварувањето на есхатологијата, биле Селевк Никаторот (Победникот) и Антигон Монофталмос (Едноокиот), и двајцата блиску, но сепак без успех. Така, во доцниот период од македонската древна ера, односно на Дијадосите, Клеопатра Птолемајска, свесна за оваа есхатологија и во желба таа да стане обединувачот на Истокот и Западот (сонот на Александар), овојпат преку политичкото обединување на Рим со македонските династии, стапила во сојуз и брачни односи со римскиот диктатор Цезар, погазувајќи го завештанието на својот предок, воедно и основачот на птолемајската држава и династија, Птолемај Сотер, кој прорекол дека оној момент кога ќе дојде туѓинец за главен во рамките на оваа династија, тогаш таа ќе пропадне. Впрочем, заради оваа завештание на Птолемај, кое имало исто така автентични есхатолошки контури, во рамките на оваа династија која владеела долго со Египет, Македонците единствено тогаш и таму е забележано дека практикувале инцест (најверојатно заради расниот конзервативизам).
По отпловувањето на апостол Павле за Македонија од малоазиска Мизија, наидуваме на почетокот на преовладувањето на христијанската есхатологија, која е силно присутна кај нас и ден денес, и тоа како изворната верзија од преданието на Св. Јован Богослов, но и од подоцнежната, никејска верзија која е смешана со римската државност.
Со Јустинијан, контурите на есхатологијата се одликувала со чистите православни примеси на функцијата на катехонот, задржувачот, бранителот на цивилизацијата, заедно со обновувањето на римскиот поредок од страната на Вториот Рим (Константинопол) преку сонот на Јустинијан за враќањето на старите граници на Римската Империја, но и со можното обединување на Истокот и Западот (Клеопатра и Цезар) преку походите кон државата водена тогаш од династијата на Сасанидите.
Присуството на двете христијански верзии, изворната и никејската, ќе доведат до апокрифни преданија и до првите протестанти, Богомилите, кои иако имале сосема различна теорија и пракса од протестантите на Лутер, и подоцнежните нивни фракции на Западот, заедно со Англиканите, сепак мотивот и постапката за бунтот кон институционализираната структура во Црквата се исти! А, состојбата ќе се ублажи со укинувањето на тријазичната ерес и меѓународното признание на црковнословенскиот јазик, кои благодарение на трудот на Св. солунски браќа Кирил и Методиј, заедно со нивните ученици, востановиле независна културолошка евангелизација на македонското население преку древната Јустинијана Прва, која подоцна ќе прерасне во Охридска Патријаршија.
Од тие состојби настануваат новите контури на македонската есхатологија, каде династијата на Комитопулите (тогаш сѐ уште не постоела шизмата во Христијанството и поделбата на паписти и Православни), и народот кој тие го воделе, од ватиканските извори дознаваме дека се прогласиле за новите Израилци, а Македонија и Полуостровот за географскиот Израил од Библијата. Од овие извори може да ги забележиме, тогашната столица Охрид за Ерусалим (заедно со архитектонскиот план), Мојсеј, Исус и други дека биле физички присутни во овие краишта, итн. Односно согледуваме христијанска есхатологија без присуството на „вечниот Рим”. Што е и сосем логично, одбивањето на Македонците кон Рим, бидејќи македонската држава и македонскиот поредок се практично уништени од страната на Рим и римскиот поредок.
Новите контури на есхатологијата ги согледуваме со династијата на Мрњавчеви, со кралот Димитрија В’лкашин и младиот крал Марко. Тука фокусот се става на отпорот кон новите освојувачи од Истокот, Османлиите (кои следеле сопствена есхатологија – сонот на Осман за светска империја и исламизација на Западот), и кон одбраната на Христовата вера, а по Битката кај Марица и пропаста на последната македонска династија која ја имала под својата државна контрола речиси целата територија на етнографска Македонија (без Солун), останале легендите со есхатолошката содржина за синот на загинатиот крал Димитрија – (младиот крал/наследникот/дијадох) Крали Марко! Оваа фигура (во некои македонски краеви дури и ден денес) се согледувала како народен заштитник и херој, кој се бори тајно против неморалот, откажувањето од Христовата вера, потурчувањето, и како оној кој повторно ќе се врати и ќе завладее легитимно со Македонија и ќе го врати достоинството на Македонците во однос на другите народи. Токму затоа од посебен интерес е Крали Марко во книгата „За Македонцките работи” на Крсте Петков Мисирков.

По Берлинскиот конгрес, настануваат стремежите за ослободувањето од османлискиот јарем, и се барало воспоставување на древната македонска држава на Александар, која ќе се грижи за културните и политичките права на Македонците и кои рамноправно и признаени, ќе учествуваат во културниот натпревар со другите. Овие стремежи често се поттикнувани од масонски тајни организации (ложата „Светлина“), кои влечеле мотив од Француската Револуција и Американската Револуција (создавање македонска нација), а кај нас доаѓале преку круговите од Руското Царство. Првиот обид со Македонското Востание во Кресна, бил неуспешен, како и вториот со Илинденското Востание, каде ги согледуваме контурите со примеси на масонската либерална есхатологија. Сепак, идејата за ново (Илинденско) Востание коешто ќе ја возобнови македонската држава не згаснала во периодот помеѓу светските војни во 20-тиот век, и се спровела успешно на ограничена етничка територија преку АСНОМ. И оттогаш кај македонскиот ум опстанале елементите и примесите кои дале темели да се оцртуваат македонските есхатологии кои се присутни денес.
Прилози за современите македонски есхатологии
Пред да навлеземе во овој дел од статијата должно е да се подвлече дека современите македонски есхатологии, иако постојат сепак тие не играат важна улога, и не се дел од никаква структура која има битно влијание во меѓународните односи, односно Македонија е сведена на чист објект, а е многу далеку од суверен пол со „голем простор”, уште помалку се изразени македонските цивилизациски елементи од самата Македонија, но сето тоа присутно денес не значи дека не треба некоја од македонските есхатологии да се зема в предвид, ниту пак дека никогаш во иднината нема да игра важна улога!
Македонија денес е сведена на чист објект, затоа што најмногу опстанале примесите од масонската либерална есхатологија, преку која, нејзиниот фокус на „прогресот” и социјалните права, создале владејачка каста која е конформистичка и македоно-песимистичка. Но забележуваме појава на старо-нови есхатологии кои доживуваат забрзан раст, по Преспанската спогодба, и со светските промени кои наговестуваат промена во размислувањето на македонската владејачка каста, или пак конечно, нејзино заменување со нова!
Поделбата на присутните СМЕ
Согласно,
А) духовниот контекст:
- чиста христијанска есхатологија, и во неа согледуваме внатрешна поделба на мирјани и мистици;
Б) синкретичкиот контекст:
- христијанско-геополитичка есхатологија;
- рационалистичко-геополитичка есхатологија, и во неа согледуваме два слични но различни подвида;
В) етатистичкиот/државотворниот контекст
- христијанско-промакедонска есхатологија; и
- секуларно-промакедонска есхатологија.
Христијанската есхатологија
Во оваа СМЕ, согледуваме прецизирано гледиште, кое е од новозаветните Свети Списи, и таа најмногу е присутна и преовладува кај мирјаните и мистиците на Македонската Православна Црква. Тука согледуваме присутност на чистиот христијански елемент на поединечниот подвиг, кој нема ниту етнички, ниту геополитички, а уште помалку етатистички моменти. Знаците на времето се тука, се ближи Крајот, во исчекување сме на Второто доаѓање на Христос, нашиот Спасител, кој ќе го порази Антихристот, лажниот спасител, ќе воскреснат достојните и ќе настапи Страшниот Суд, и потоа ќе го имаме новиот милениум на новиот Ерусалим – овој процес се согледува како неповратен и незадржлив!
Тука, забележуваме два внатреверски типа на размислување, едниот, најчесто оној на мирјаните во Црквата, кои овие настани ги разбираат буквално, физички и материјално, и размислувањето на православните мистици кои овие настани ги согледуваат како еден долг циклус, односно првенствено метафизички и духовно кои даваат одраз врз физичкото и материјалното – буквализмот не се разбира како тотално уништување на планетата Земја и човештвото, туку како тотална промена во моралот и духовноста – без разлика и двете размислувања се меѓусебно комплементарни!
И без присутноста на катехонот/задржувачот и други елементи на интервентни толкувања, оваа современа македонска есхатологија можеби е доказ дека македонскиот ум, многу одамна, уште во христијанските зачетоци ја прифатил и задржал чистата и правоверната Новозаветна догма!
Христијанско-геополитичката есхатологија
Оваа современа македонска есхатологија, ја согледува Русија како задржувачот и/или победителот врз Антихристот, големата земја, моќната држава и православниот народ, кој ќе помогне на угнетените мали, и особено на православните народи, ќе го заживее православниот начин на живот до големи граници, и надежта и довербата целосно се остава во рацете на руската владејачка и политичка каста. Христијанско-геополитичката македонска есхатологија со краен песимизам гледа на Западот за во иднината наспроти крајниот оптимизам за иднината на Истокот, и е во складност со руската современа есхатологија која преовладува и која го согледува механизмот на катехонот за свој!
Рационалистичко-геополитичката есхатологија
Претставува современа македонска есхатологија која преовладува кај македонската владејачка класа од АСНОМ па до денес, и таа има крајни или умерени македоно-песимистички контури. Постојат два подвида на рационалистичко-геополитичката есхатологија:
Едната е онаа која бара заштита од големите сили на Западот, и смета дека без учеството во клубовите ЕУ и НАТО, државата и народот немаат сопствени сили и капацитет самите да се одржуваат, односно дека се осудени на пропаст. Тука кај оваа линија, ја согледуваме изразено масонската либерална есхатологија, која не помислува на никакви суверени одлуки, туку доволно е фиктивното постоење на државата и нејзиното учество во „прогресивните“ и „демократските“ процеси на Западот, а владејачката класа учествува само со права и бенефиции, без обврски и одговорност. Истата во исчекување на доаѓањето на некој „камшикар“, еврокомесар, чиновник од Стејт Департмент и слични ним, кои ќе ја средат корупцијата како и сметачите на „прогресот“ и „демократијата“, додека таа самата се чувствува беспомошна и немоќна против „антидемократските“ сили во Македонија, кои се силни заради конспиративните планови и шпионски акции на диктаторските режими кои се наоѓаат кај големите држави на Истокот. Преку оваа есхатолошка линија се понижија Македонците, и тотално се отуѓи владејачката каста, затоа што кај Македонскиот народ постојат други и сосем поинакви есхатологии како преовладувачки од оваа. Се согласуваат за во идната временска рамка и на фиктивна држава, дури и без никакви права (очекуваат универзална држава, затоа сопствената ја гледаат како фаза)!
Другата пак е онаа која нешто подоцна се одвоила како засебна, и Македонците ги гледа како некогаш славни и способни, „смачканото племе“ (Б. Конески). Оваа линија очекува, и бара помош од некоја голема сила од Истокот, затоа што смета дека Западот премногу барања испрати кои го загрозија достоинството на Македонскиот народ, односно се смета за зло. Кај оваа линија наидуваме на присуството на масонската есхатологија, и најчесто преовладувачка онаа со конзервативните гледишта. Се согласуваат за во идната временска рамка на слаба држава, но со минимални права!
Без разлика што првата е крајно отуѓена линија и не чувствува никаква емпатија, и е со крајно македоно-песимистички став, додека пак втората има емаптија према народот и дел е со умерен македоно-песимистички став, сепак двата подвида на рационалистичко-геополитичката СМЕ, имаат недоверба во сопствените сили, не го ценат сопствениот народ, очајно бараат странска помош, согледуваат туѓи политичари за спасители, а пак во спротивно двете сметаат дека следи пропаст. Сметаат дека Македонците биле неспособни и мали, се, и дека такви ќе останат докрај, а на ист начин ја согледуваат и македонската историја! Често употребуваат деминутиви за државата и народот.
Христијанско-промакедонската есхатологија
Станува збор за есхатологија која е присутна кај оној дел од населението кое има интелектуални особини заедно со христијанските уверувања, кои прават комплементарни анализи и согледувања од Светите Списи, историјата на Црквата заедно со македонската и светската историја, чинејќи практично синкретичен систем.
Оваа линија ја следи во целост христијанската есхатологија, но бидејќи не може со сигурност да се тврди дека е крајот на светот, во меѓувреме е во очекување на појавување на пожртвувана и побожна политичка каста која заедно со лидерот/монархот, со натчовечки напор и чуда, и со Божја помош, ќе завладее и ќе стави крај на понижувањата, нередот и неморалот кои се присутни кај Македонците, ќе ги порази сите антимакедонски политики, ќе ги казни предавниците (оние со рационалистичко-геополитичка есхатологија), ќе ги уважи, штити и унапредува правата и интересите и ќе ја возобнови во вистинска смисла на зборот древната држава на Александар и Филип на територијата на цела етничка Македонија. Тука се присутни елементите како темел од сите историски македонски есхатологии, освен масонските, кои станаа вообичаени само за рационалистичко-геополитичката есхатологија. По возобновувањето на древната македонска држава, и издигањето на Македонската Црква на ранг на Патријаршија, треба да следи период на правда, благосостојба (Живко Чинго), Православие и хегемонија врз Полуостровот, од кој треба да се создаде свој пол и свој голем цивилизациски простор кој суверено ќе учествува на меѓународната политика.
Секуларно-промакедонската есхатологија
Оваа линија е присутна кај секуларната интелигенција која најчесто се јавува во вид на поети и јавни критичари со промакедонски убедувања. Темел гледаат во АСНОМ, кој е прекршен, погазен и неисполнет и се во очекување покрај светските промени, Македонскиот народ да се побунтува и да прогласи пак АСНОМ, кој во одреден временски период повторно ќе ги воспостави промакедонските темели и мотиви на државата, и ќе ги казни оние коишто го прекршиле и погазиле идеалот за македонската држава и обединувањето на Македонија. А по овој период, рамноправно учество на Македонците со свој пол, или без, во многуполарниот свет.
Христијанско-промакедонската и секуларно-промакедонската есхатологија се обединети во мислењето дека Македонците се способни, и во идеите за држава со промакедонски мотив, за нова морална политичка и општествена елита, во поразувањето на антимакедонските политики и во казнувањето на постојната отуѓена владејачка каста.
Авторот на текстот е дипломиран правник.