11 ОКТОМВРИ – ШТО НАПРАВИВМЕ И ШТО ТРЕБА ДА ПРАВИМЕ?

Овој ден 11 Октомври, во историографска смисла се смета дека е денот кога во 1941 година започнало востанието на Македонскиот народ против окупаторот преку НОБ. Со тој чин Македонците самостојно и народно организирано објавиле антиквинслишка насока и антифашистичка борба. Постојат забележани сведоштва и пишани историски материјали кои укажуваат дека и пред 11 Октомври, имало самостојни дејствија против окупаторот. Таквите рани дејствија се одвивале месец или повеќе претходно пред месецот Октомври 1941 година. Но овој датум е одбран затоа што се смета дека оттогаш се започнало со организирање на помасовни одреди и востанички формации, заедно со нападите кон окупаторот. На 11 Октомври во Прилеп преку три востанички групи составени од вкупно 16 партизани биле нападнати позициите во прилепско на окупаторот. Околу овој датум биле создадени или се осознало за Козјачкиот одред кој бил формиран кај месноста Студена вода и Карадачкиот одред кој бил формиран кај месноста Менкова колиба. Постои и сосем безначаен спор со мал интензитет помеѓу постарата генерација за тоа кој е првиот Град-Херој, односно каде првин пукнала „првата пушка”: Куманово или Прилеп? Без разлика на тоа, севкупните дејствија на партизаните на територијата на цела етничка Македонија, од овој датум до 1945тата година, капитулацијата на Италија, повлекувањето на германските единици, како и размрданиот англо-саксонски „синџир” на Полуостровот, создале услови кои овозможиле простор за здив од главните антагонистички политичко-моќни сили, и преку вооружена борба се дало позитивен плод за народот, каде преку првото заседание на АСНОМ во манастирот Св. Прохор Пчински, Македонскиот народ ја официјализирал својата политичка победа преку создавањето на сопствена македонска држава.

received_10208733470448337

Што направивме ? 1945-2016

Прашањата што направивме и што треба да правиме, се дадени од страна на првиот македонски геополитичар и геостратег од нашата понова историја, Крсте Петков Мисирков, кој ги дал пред еден век како насловни прашања во својата книга со цел да ја опише геополитичката состојба на Македонија по Илинденското востание. Но и по долгите изминати години тие две прашања и тоа како треба да се поставуваат од страна на македонскиот учен ум, со цел постојано да може да се осознава сликата за моменталната состојба, да се укажува за направените грешки, и како во иднина да се дејствува со позитивен исход.

Од 1945тата до денес, многу работи се направени, и тој краток дел од македонската историја е преполн со политички грешки сторени од самите нас, од нашите политички претставници. Првата голема грешка е сторена со насилната иселба на селскиот човек од селото во град, преку ткн. колективизација, и тоа во име на идеологија со недоискажани теоретски фази, и без никакви гаранции дека таа е исправна и функционална. Со тој чин на државните установи, всушност е направен обид да се смени автентичниот селски карактер на Македонија, но уште поважно автентичниот начин на живот на Македонците. Втора голема грешка претставува негација на Христијанството и Православните Начела заедно со моралот кој произлегува од таа наша автентична Вера. Истиот чин сторен тогаш од страна на државните установи, под изговор за некаква полза или ослободување на умот на работниците во ткн. класна борба, и постојани теориски напади дека верата сочинувала алатка на владејачката класа со која народот преку неа се држел покорен. Овој теориски изговор може делумно да се прифати на Западот, каде Папата вршел уште од времето на неговиот повик за масак’р на Катарите и крстоносните војни и најверојатно уште врши разно-разни злоупотреби, односно политички потези кои немаат ништо христијанско во нив, но тоа никако не е случај со Православната Црква, дури мора да се признае нејзиниот заштитнички и зачувувачки карактер на автентиката за време на Османлиската окупација на овие простори. Третата грешка претставува афирмација на лабавиот марксистички морал, кој преку апсолутен материјализам и вулгарниот марксизам освен што се наметнал идиотизмот, лесно по распадот на Југославија се наметнала високата деморализација кај населението. Од овие масивни политички грешки сторени под водство на КПМ и СКЈ, од осамостојувањето на Македонија и прогласувањето за република, до денес, како последица се сведоштвото на општата аморалност, на општата безидејност, на високиот степен на деморализација, на пусти села, на неискористен македонско-земјоделски потенцијал заедно со се позасилено јабанџиштво односно иселеништво на Македонскиот народ.

Но грешките секако дека не запреа со промената на политичкиот систем и осамостојувањето во 1991 година. Најголема грешка претставува политичката одлука сторена под притисокот од Грција и од ткн. Меѓународна заедница, заедница која во суштина претставува збир на поранешните колонијални држави. Со таа одлука се стори промената на Уставот во 90десетите години со додавките особено на оние во членот 3 на ставовите 3 и 4. Со додавањето на тие ставови, аманетот оставен од првото заседание на АСНОМ се избриша, и всушност духот на македонската држава и причината или мотивот поради кој таа е создадена: а тоа е да го реши позитивно македонското прашање за Македонскиот народ, се измени. Крајот на Асномскиот идеал, односно автентичниот и оригиналниот мотив на Македонскиот народ да се јави како државотворен народ на Македонија во 1945 година, се случи со политичкиот потег исто така сторен под притисок, со Охридскиот договор. Тој договор на хартија претставува безопасен, и можеби немаше да има толкаво разорно дејство врз државата и општеството, да не се најде во ваков политички контекст, и секако да не беше менаџиран со ваква македонска политичка елита на која мотивите и се со идиотски намери. Оттогаш од 2001 година па до денес, вакво изобличено македонско општество, со изобличен неоригинален и вештачки политички систем, Македонскиот народ од година во година осиромашува, и во духовна и во материјална смисла. Политичарите кои требаа всушност да претставуваат политеси-луѓе мотивирани од виши цели да ги решаваат општествените проблеми, тие уште повеќе јавно си ја искажуваат својата идиотска страст, за грабање на се повеќе јавни средства. И секако во единство на овие две гледаме постојано поголем долг на македонскиот државен апарат односно на македонската нација.

Официјализирање на новонаметнатиот мотив за постоење на македонската држава или новонаметнат дух на Македонија, треба да го очекуваме во годините што следат. Тој процес започна со ткн. Пржински договор, кој е настанат како последица на неспособноста на владејачката партија или пак од нивната преголема зафатеност во манипулација на умот на Македонецот и фокусот кон грабањето на јавните пари, како и од аполитичниот карактер на опозициската партија која е апсолутно незаинтересирана за согледување на историскиот и геополитичкиот контекст како и нивната презадоеност од ривалитет со владејачката партија. Со официјализација, ке се наметне некаков мотив за постоењето на државата во име на демократски и човекови права, права кои ке ги гледаме само на хартија, додека албанското малцинство вештачки ке се вметне како државотворен покрај Македонскиот народ, со што духот на државата ке биде бинационален и практично нема да има официјална политичка сила која би позитивно делувала во решавањето на македонското прашање, во кој природно би било самата држава на Македонскиот народ да е истурена во тој поглед.

Што треба да правиме ? 2016 – ?

По 2016та година, најлошо ке им биде на оние луѓе кои сакаат да живеат слободно како Македонци, но и кои сакаат нормално да творат притоа одлучувајќи да останат во Македонија, а не надвор како јабанџии. Тој дел од Македонскиот народ ке го има најголемиот товар на нерешените политички, социјални и општествени прашања врз себе.

Да претставуваше македонското прашање решено, односно да немаше претензии на политички центри за уништување на македонската национална самосвест, и да постоеше држава Македонија со цела нејзина етничка територија, тогаш во тој случај можеби немаше да претставува ризик, и немаше да ни смета на нас Македонците претворање на духот во бинационална, тронационална, квадринационална и наведете сами колку националности да имала во својот државотворен карактер тогаш. Или Швајцарија на Балканот, иаку ние со Швајцарците се разликуваме по тоа што Швајцарци по народност нема, туку има по националност, додека Македонци како народност има. Но во овој геополитички контекст, прифаќањето на бинационалноста не доаѓа во предвид, затоа што со тоа Македонците повторно се ставаат во ризик да бидат сираци, односно да немаат држава која би имала за фокус да ги брани интересите на Македонците, и во најлош резултат тоа претставува можност за повторно буквално ропство под нечија туѓа националност. Доколку се официјализира бинационалниот дух на државата, во прашање ке се стави и соодветноста на празнувањето на овој празник 11 Октомври, иаку во извесна смисла соодветноста е и ставена под знак прашалник, односно се празнува денес без особен восхит и радост, и општо е заборавена полната суштина на празникот.

Во налетот на преселби на милионски број на луѓе од Азија и Африка кон Западна Европа, како и се позачестеното иселување од Македонија, оној дел од народот кој одлучил да остане тука, првин што може да направи е вистински и искрено да се поврати со мислите кон Начелата на автохтоната Православна вера, со цел да си ја поврати правилната смисла на постоењето, со тоа и да ојакнува во меѓучовечките односи и општо да се крене духовното ниво, бидејќи и онака условите за материјалното збогатување се крајно неповолни, и ние никогаш нема да се најдеме кон она што денес официјално целиме: меѓу редовите на високоразвиени капиталистички земји. Исто така важен е повратот и кон автентичниот начин на живот во селото, со цел да се обезбеди минимум услови за преживување, а со тоа индивидуална економска независност во остварувањето на основните човекови потреби, бидејќи селскиот карактер на Македонија и колку да има желба и обиди тој да се смени, се додека етнографскиот регион се наоѓа тука на овој простор со овие земјоделски потенцијали тој ке биде ист и непроменлив, единствено во случај доколку сите Македонци не одлучат да се преселат некаде на Гренланд, и таму да создадат етнографски регион Македонија, тогаш на таа Македонија некаде на Гренланд, карактерот би можел да и биде рибарски, во спротивно земјоделско-селскиот карактер во никој случај не се менува.

Околу престојните избори кои се очекуваат, народот нема никаква обврска да искаже лојалност ниту кон едната политичка опција ниту кон другата, напротив. Ке не замајуваат масовно едните дека тие треба да останат на власт, бидејќи тие се заштитниците-патриотите, а дека другите се предавници, но доколку тие останат на власт, лесно како и до сега ке ги исполнат сите диктати кои доаѓаат однадвор и кои се во насока за бинационалноста, а за тоа ке обвинуваат дека се криви другите, со слична реторика која ја слушавме досега кога стануваше збор за слабите резултати во економијата – толку е јака вербата во нивен популистички патриотизам. Додека другата политичка опција ке оди кон реторика со некакви демократски и човекови права, кои никогаш во суштина и не сме ги ни почувствувале реално, како и кон расчистување на сиов хаос, апсења на оние кои ги злоупотребувале досега јавните пари, и со промоција дека тие ке основаат веќе еднаш држава во која ке се почитува пишаното право и дека ке го убијат идиотизмот кој преовладува кај политичката елита, но доколку дојде на власт опозицијата, освен бинационалноста, нема да претставува чудење и исполнувањето на полошите диктати, кои само ке придонесат кон зголемувањето на кризата. Во реалност оваа политичка борба на двете политички матрици, реторика и размислувања, е борба за нивен личен и индивидуален опстанок, бидејќи ако победат едните – другите се готови, за некои освен апсења и затвори, можеби и во буквална смисла со ликвидации, и обратно доколку другите победат. Тоа укажува дека и двете партии се крајно извалкани со нивниот аморал, немаат што реално да понудат на Македонскиот народ, односно дека и двете се истрошени политички матрици, и единствено што и донесоа на Македонците се само нови и тешко решливи проблеми. Логички изнесеново упатува на потреба од нова политичка идејност, од ново политичко размислување и реторика, но за да квалитетно се создаде сето тоа е потребно време и подолг период. Исто така севкупниот хаос во општеството има потреба и од нов политички систем, различен од постојниов, со нови уставни начела кои ке одговараат на интересите на Македонскиот народ односно на Асномскиот идеал, и ке ги реши прашањата кои долго време ни стојат нерешени. За воспоставување на тие нови начела, зависно од одлуките и исходите на политичките партии во годините што доаѓаат, не е исклучена можноста доколку го стават народот во крајност и легална безизлезност и на илегалниот пат кон тие општествени промени, сличен во духот на промените како што биле објавени против окупаторот на 11 Октомври 1941 година. Нека е честит Денот на востанието!

Авторот на текстот е дипломиран правник.