ИЛИРСКИОТ ДЕЛ ОД ПОЛУОСТРОВОТ: НОВА КОСМЕТСКА КРИЗА

ПОВЕЌЕ ЗА НАШИОТ ПОЛУОСТРОВ

Минатиот месец, поточно на датумите 24-ти и 25-ти септември, се случија вооружени судири на северот на Космет, помеѓу безбедносните единици на „Република Косово“ и доброволно вооружената група составенa од српското население кое живее во оваа проблематична покраина. Од овие судири, официјално е објавено дека се загинати вкупно 4 луѓе, од кои еден е припадник на т.н. косовска полиција, иако, постојат шпекулации на социјалните мрежи, кои тврдат дека бројот на загинатите од судирите оди и до 11 жртви. Главното место на најжестокиот судир се случил во и околу манастирскиот комплекс кај селото Бањска, кое се наоѓа во општината Ѕвечан, и претставува место коешто сѐ уште се наоѓа под силен надзор и блокада од страна на безбедносните единици на „Република Косово“.

Снимки од беспилотните летала на полициските единици на „Р. Косово“ на кои се гледа вооружената група во манастирскиот комплекс.

По судирите, веднаш политичките претставници на Р. Србија и „Р. Косово“, Александар Вучиќ и Албин Курти, започнале со обвинувања: првиот дека станувало збор за побуна на српското население против теророт на Курти, кој всушност ја има фактичката моќ во покраината; вториот дека станувало збор за организиран терористички напад од страна на официјален Белград. На ова наведува фактот што припадниците на доброволно вооружената група се лица кои се блиски до владејачката партија во Србија, СНС, преку нивното припадништво кон партијата која делува во покраината, т.н. Српски Список (Српска Листа), поточно водачот на вооружената група бил Милан Радоичиќ, нивен познат член и активист, кој воедно беше и приведен од страна на полицијата на Р. Србија.

Последици од вооружениот судир:

Освен заострената реторика помеѓу официјалните политички претставници на двете страни, во овој дел на покраината кадешто живеат како преовладувачко население Србите, се спроведуваат засилени полициски акции и претреси од страна на безбедносните единици на „Р. Косово“, со што само уште повеќе се поттикнуваат стравот, несигурност односно заминувањето на Србите, од северот на Космет во Р. Србија, или процесот на насилна албанизација, за којшто одамна се подвлекува како тема во српската јавност. Исто така дополнително, веста за повлекувањето на српската војска од близината на овој дел од покраината, психолошки влијае кон чувството за несигурност на Србите.

Детална мапа со манастирите на Косово и Метохија.

Претходно, постоеја обиди за постигнување на „конечна“ спогодба помеѓу Р. Србија и „Р. Косово“, преку Вашингтонскиот договор под посредство на Ричард Гренел и Доналд Трамп, како и преку т.н. план на Шолц-Макрон, односно преку средбата во Охрид на Курти и Вучиќ со посредство на ЕУ, годинава. А како претходница на овој вооружен судир може да се најде во изборите за градоначалници кои беа бојкотирани од српското население, како и протестите на коишто многумина беа повредени.

Заклучок:

Состојбата на Србите по овие нови кризни настани, станува сѐ полоша, затоа што се присутни кај нив, како колектив, понижувањето, чувствата на несигурност и дефетизмот, а пак од другата страна, албанскиот фактор добива сѐ повеќе на сила во аргументите, во нивниот процес за етаблирање на „Р. Косово“ како држава (иако тоа е само привид) и во процесот за постојаната албанизација на покраината. И од таквата поставеност на работите, се очекува навидум доброволното отселување на Србите од покраината, намалувањето на моќта и влијанието на српските политички организации коишто учествуваат во институциите на „Р. Косово“, под изговорот дека се потенцијално дестабилизирачки и/или терористички, одлагањето и/или регистрирањето на предвидената Заедница на српските општини (ЗСО) само во облик како невладина организација, и крајно, попуштање на официјален Белград во одредени идни моменти на внатрешна политичка нестабилност и конечното признавање од српска страна на „Р. Косово“ за посебен државен ентитет!

Се очекува исто така и свикување на вонредни избори во Р. Србија.

Српската Православна Црква веднаш по вооружените судири, изрази јавно сочувство до семејствата на загинатите и повика на мир.