ВОСТАНИ ЗА ДОСТОЈНО МЕСТО ВО ИДНИНАТА И ЗАВОЈУВАЈ ПРОТИВ МАКЕДОНСКАТА БЕДОТИЈА

Општествената духовна и материјална благосостојба ги дава предусловите за државотворниот напредок на еден народ

Ниту ЕУ, ниту САД, ниту Русија, ниту Кина ниту било кој самозамислен (од наша страна) стратешки партнер се предусловот за создавањето на македонската држава, како држава во вистинската смисла на зборот! Предусловот е, и секогаш бил, само-и-само квалитетот како луѓе на Македонците и Македонките! А македонскиот човечки квалитет некогаш претставувал сериозна, тешко достигнувачка и светски позната работа! Оттука ќе разбереме дека од претстојните избори во „Република Северна Македонија”, нема ништо драстично променливо да добиеме како народ, уште помалку пак, променливо на позитивно за нас Македонците, како народ и како единки! Секако, ова почетно важи за оној ум, доколку правилно ги сфати првите реченици од статијава, и доколку внимателно ги следи и истражува однесувањата и реториките на т.н. политички „нови” (во суштина секогаш стари, рециклирани) чинители, кои се таксаат за државните позиции.

Овој мој песимизам за претстојните избори, не го искажувам во вид на пишано слово, заради поттикнување политичка пасивност и немо набљудување на настаните кои (ќе) имаат страшно (во случајов, негативно) влијание врз нашиот секојдневен живот…

Мојата главна размисла на оваа беседа е да се свестиме и донекаде разбереме, каде грешиме и како од субјект по АСНОМ, станавме објект по Пржино, и при скоро временски декада помината од Пржино, уште немаме на видик промена на оваа наша срамна состојба!

Имено, веќе со години, поминувам и одвојувам најголем дел од моето слободно време, за средба во живо со луѓе, познати-непознати, кои се објавуваат, или самиот сум ги забележал дека размислуваат п(р)омакедонски, во надеж да изнајдеме заклучно решение и по него да дејствуваме ефективно во пракса; и по години минати емпирија, можам слободно да ги воопштам работите и да заклучам:

А) Старите, 50+ години возраст, кои твореле во својата зрелост во бившата Југославија, и кои Македонија за држава ја добиле без поголеми маки, суштински проблем им претставува суетноста! Имено, им ја ценам нивната пасија, кои ја имаат кон одредени истражувања, најчесто историски, археолошки и новинарски, сепак нивната суета често, лично ме изненадува, а ним очигледно не им дава да ја согледаат вистинската состојба на теренот. Од средбите со нив, од оние со историско-археолошка истражувачка пасија, се наслушав муабети исполнети со неверојатни историски факти во полза на Македонците, неверојатни археолошки наоѓалишта на македонското тло, додека од оние со новинарско-аналитичка пасија за неверојатни средби со влијателни политичари и дипломати од домашно и странско потекло… Дури морав да слушам муабети за тоа, парафразирам, колку добро нивните роднини штиркале долен веш, колку самите биле храбри, и колку самите биле атрактивни за спротивниот пол (или, самите си сведочат за себе)!

Да не се разбереме погрешно, во голем дел верувам на чуеното, но што корист луѓе, од тие историски факти кога нам денес историјата по учебниците ни ја кројат историските комисии со Грција и Бугарија, и тоа класифицирано, вон увид на јавноста!? Што корист од тие археолошки наоѓалишта кога ако ги намирисаат, ќе ги срушат и разграбаат дивите копачи, или пак ќе мора да ги означиме и/или предадеме на друга држава како дел од „нивното” наследство!? Ние практично сме во ситуација, во која подобро да ги криеме богатите археолошки наоѓалишта на македонското тло, наместо да се фалиме со нив! Што корист од тие средби со звучните имиња, од „јас му кажав нему вака, а тој мене така”!? За муабетите околу способноста за штиркањето и заведувањето пак, нема ништо да коментирам (ич bono)…

И така, колку почесто размислувам за средбите во живо со овие луѓе што ги остварив, и колку повеќе се навраќам и потсетувам на деталите од нивните искази – си велам овие луѓе такви-какви што се, со сите ма’ани, нема да се сменат и поправат – така ќе влезат в гроб!

Да не зборувам колку истите меѓусебно се оладени, раскарани, тешки за акција, состаноци, секој за себе со високо мислење, а секој за друг со ниско, па дури и „удбашко”, „кодошко” мислење!

Но им благодарам сепак на овие повозрасни луѓе, затоа што ми помогнаа многу полесно да разберам зошто државата ја изгубивме, и тоа само од заканата со вилушка – како што Албанците се фалат по улицата: „вам Македонците државата ви ја зедовме со вилушка”.

За употребната вредност на овие луѓе треба внимателно да се размисли, оти колку корист – толку и штета знаат да учинат!

Б) Средните, 30+ до 50 години возраст (или мојата генерација па нагоре), се во вид растројство од социјалниот посттрауматски стрес, доживеан од транзицијата 90-тите, односно се под постојан внатрешен страв и притисок од сиромаштијата и социјалното одбегнување заради (евентуално) понискиот економски статус, од непознатото, од неизвесноста – затоа и не сакаат во никој случај да излезат од комфорната зона на своите навики, на пасивизираноста, на деморализираноста, на цинизмот, на самосожалувањето, на самонегирањето – не согледуваат дека речиси и да не постои низок-висок статус, дека повеќето од половина милион Македонци живеат во сиромаштија, другата половина на работ на истата… односно дека сите сме практично под економски егзистенцијален ризик, дека немаме основни економски права и слободи, како последица затоа што (с)нема(в)ме првин политички!

Овие пак се посебни по тоа што сѐ за секого „знаат” тврдат, сѐ општо „знаат” и критикуваат, секаква акција, поттик и иницијатива однапред ја осудуваат на пропаст… едноставно далеку потешки се од првите за било што, оти кај овие дури и да им ја „погалиш” суетата, не се креваат на акција, бираат „помали” зла, односно друг ако може да ја заврши работата!

В) И, младите, под 30 годишна возраст, од нив најмногу сум изненаден на позитивно, од нив сум просто воодушевен! Овие веднаш се спремни за радикално дејствување, дури не ни дослушуваат, ниту пак докрај ги разбираат значењата на глаголите – едноставно чувствуваат дека нешто многу не е во ред, и не ги сакаат срамните услови кои ги нуди срамното тукашно општество, не го сакаат општеството на духовната и материјалната беда – затоа и велат дај нешто да правиме, дај да дејствуваме!

Опасноста за нив се состои од брзината, следствено во заведувањето, и/или погрешното идеолошко насочување од т.н. „нови” „политички” чинители, кои ќе доведат подоцна состојба во каква што се горенаведените, во разочарување и деморализација, крајно и најлошо – отселување и незаинтересираност (идиотизам)!

Не треба да забележиме дека постојат исклучоци – секоја чест за нив; но најмалку е продуктивно да почнеме да судиме, не! Така ќе западнеме во нова замка на окупација на вниманието (или замајување) со бесцелните обвиненија, туку едноставно треба стоички да ја прифатиме ситуацијата – ова е тоа со што располагаме во моментот, тоа е нашиот човечки ресурс, да смислиме како да извлечеме барем некоја корист и од нив.

Особините кои преовладуваат

Крунисана е деморализацијата, затоа за неа ќе посветиме внимание со поопширен цитат од политичката енциклопедија на современата администрација, издадена 1975-тата год. во Белград, и тој вели вака:

„Зборот деморализација означува состојба, во едно општество, во една група или кај еден човек во која се напуштаат претходните идеали, уверувања и принципи, и во која се губи сопствената општествена и морална рамнотежа, и се прифаќа ‘сѐ да тече како што си тече’ и ништо повеќе да ‘не претставува важно и свето’.

Во политичката смисла, деморализацијата е израз на губењето на сила и принципиелностите, уверувањето и борбеноста од страна на една група или движење. Во психолошката смисла деморализираност значи губењето на довербата на човекот во себе и во другите и во крајната линија, еден вид себичност и цинизам. Деморализацијата обично настапува по поразот во тешките битки од кои многу се очекувало, како и кога ќе се појави остар расцеп помеѓу идеалите и стварноста, во оној што се верувал и во оној што настанал, помеѓу ветениот и добиениот.

Деморализираност не претставува само акт на губење на одредена верба и морален принцип, туку претставува и напуштање и оспорување на секакво друго уверување, и на секаква друга идејност и принципиелност. Но историјата покажува дека деморализацијата не мора секогаш да значи загуба и крај на едно движење и барање. Луѓето беа секогаш способни покрај деморализацијата да покренат нови сили и нови вредности кои ја надминуваат деморализацијата и кои претставуваат почеток на една нова и подобра состојба.

Деморализацијата е пауза и прекинување – и кога таа подолго трае. Во крајна линија луѓето не се полоши од што се, и не престануваат секогаш тоа да бидат. Во тоа е критиката на сите деморализации, деморализатори, деморализирани, кои патем ги следат во секое општество и во секоја политика.”

Од (во нашиот случај) македонската деморализација, се изродуваат македонската ниска самодоверба, недоверието следствено и неактивност, заедно со ескапизмот преку алкохолот, дрогирањето, виртуелниот свет и игрите на „среќа”. Од македонската ниска самодоверба и сѐ покрај неа што следи се изродуваат македонскиот нихилизам и среброљубието, поклонувањето пред Мамона. Некој ќе рече – мора пари Филип, мора економија – ќе се сложам на дел, но дали разликуваме ние кремастика од економија!? Аристотел барем разликуваше, и подвлекол пред две илјади години јасна разлика помеѓу уметноста на материјалното збогатување (кремастике) и уметноста во домаќинското управување на нештата (економија), разликата иако тешко се распознава денес, таа е огромна, и се познава по мотивот, и по тоа зошто ти треба/служи материјата.

Македонската ништовност, македонската ниска самодоверба и на врвот македонската деморализираност се лицето на нашиот непријател, комплет во едно претставуваат македонската бедотија!

И нормално, бедотијата во духовно-душевната сфера, има одраз и врз материјалната сфера – ако кај некого нема – кога-тогаш ќе има, ќе се појави!

Одразот од особините кои преовладуваат

Го има насекаде, каде и да бараш, негативно секако:

Во моралот, размислувањето „ако се може”, ако се не може – тогаш може и чесно. Тоа го велат опортунизам. А оттука – разорени и нестабилни социјални, меѓучовечки односи, во врските, во другарството, по роднините, во бракот, во идентитетската припадност…

Во политиката, сѐ почестата патриотска симулација, политички претставници со понизни однесувања кон странските интереси, изживување, понижување, бесрамно лажење и презир кон сопствениот народ, скандали катадневно…

И како сево ова да нема одраз врз материјата, врз економијата!? Нема тука што да пишувам на опширно за македонската материјална (не)благосостојба. Оти станува збор за ептен ноторни факти.

Востанието

Како што македонската бедотија настанува, или се создава првин во претматеријалниот дел, па подоцна дава физички одраз, односно во материјалниот дел, така и востанието се крева првин таму. Тоа се крева во духот и душата, во психата; за подобро појаснување Ψυχή/Psykhḗ во превод е душа, односно востанието го кревате пред таа Психе во вас! И тоа со одбивањето и презир кон преовладувачките засрамувачки особини, преку нивното неприфаќање – ова впрочем е најмалку што еден/на Македонец/ка може да стори позитивно и против македонската бедотија денес!

Интраперсоналниот востанички монолог може да се одвива вака: особините кои преовладуваат тука се погрешни и тие треба што поскоро да се сменат; постојат подобри, виши особини од овие коишто преовладуваат; јас не сакам да сум деморализиран и не сакам повеќе да сум пасивен; доста веќе од деморализација, доста веќе бегство, доста веќе пасивност; јас имам самодоверба и со друг Македонец/ка сакам да чинам нешто вредно и корисно; не му посакувам на ниеден добар и чесен Македонец/ка зло и несреќа, не сум јас ништожник, туку јас сум продуктивен; парите и материјата не се мојата суштина на животот…

Војната против

Војувањето, за разлика од бунтувањето и востаничкото однесување на човекот, претставува далеку посложена појава од причина што секоја војна, за да се извојува таа, бара јасен противник, прецизирана цел, план и анализа, како и споредба на можностите на противничката страна и (со) сопствената, првенствено организирање на структура, истрајност и крајно жртвување на времето и ресурсите.

Постои постојана, односно перманентна Војна и во претматеријалниот дел, или во метафизичкиот свет, и во таа Војна ние луѓето, како единки и посебни личности може да се приклучиме самостојно, без конкретна организација и структура од луѓе, кон едната или кон другата страна, сепак, пак станува збор за приклучување кон структурите коишто се невидливи за човечките сетила, и коишто се создадени, воедно и составени од силите адски или Силите небесни и бестелесни! Оваа Војна е величествена, и секој човек, во секој момент може да се приклучи кон неа, иако најчесто станува збор за несвесно приклучување на човекот и учество во неа.

Но за таа Војна, подробно дознаваме од Црквата, која пак за да постои денес, војуваше со векови асиметрично против паганскиот Рим. На крајот Црквата Христова оствари торжество врз Рим. А пред сето тоа да се случи, Првоапостолите, вдахновени и водени од Светиот Дух, правеа христијански општини и парохии низ целата Римска Империја – со други зборови правеа структура!

Г. Делчев е една од познаменитите личности од македонската историја токму заради неговата пасионарна заложба и улога кон создавањето на промакедонската структура преку МРО.

Ние Македонците денес, го имаме јасно спознаено лицето на нашиот непријател – тоа е македонската бедотија, ја имаме прецизирано и целта – тоа е создавањето македонска држава која ќе ги уважува, штити и унапредува политичките и економските права на Македонците насекаде низ светот, можеби имаме и доволно побунтувани востаници, но чувствуваме дека нешто недостасува – а тоа што ни недостасува е организирана структура од луѓе-востаници! Затоа востанијата ни траат кратко, и затоа завршуваат со неуспех, фрустрација и со бескорисно потрошена енергија!

Клучниот збор за истрајност и успех на востанијата, кои (ќе) прераснуваат во војна е организирана структура!

Ако сѐ уште си во калта на македонската бедотијавостани! Ако си веќе востаник, организирај се во структура! За да ја добиеме оваа војна против македонската бедотија, за да извојуваме достојно место во идниот свет и за да влеземе во историјата како достојна генерација на Македонци!

МАКЕДОН НИКА!

Авторот на текстот е дипломиран правник, автор на книгата „Василија – архитема на новото општество“, архиграматевс на книжевно-филозофскиот кружок „Полигрозд“, припадник на првата генерација дипломци од Балканската Школа за Геополитика и гостин-набљудувач на Собирите на Меѓународното евроазиско движење.