МАКЕДОНИЈА: ЈАВНА МОРАЛНА КАПИТУЛАЦИЈА НА ПОЛИТИЧКИОТ ВРВ

GeoPol_logo (final)

ПОВЕЌЕ ЗА МАКЕДОНИЈАПОВЕЌЕ ЗА НАШИОТ ПОЛУОСТРОВ

Минатиот петок (19 октомври) во Собранието 80-тина пратеници изгласаа за отпочнување на процесот за уставните промени, процес кој претставува еден вид лукаво заобиколување на легалната и легитимната процедура која би требало да следи по потпишување на договор (од суштинско значење за државата и општеството) каков што е оној билатерално потпишан во селото Нивици оваа година.

23883-featured-500x280 (2)

Со овој чин јавно се разоткри заговорот кој најверојатно постоел уште од самите почетоци на независноста на Македонија, и кој бил наменет против Македонците и македонската државотворност, од страна на македонските политички претставници. Особено постојат индикатори од 2000-та и 2001-та година, кои исто така укажуваат на „староста“ на овој заговор. Односно македонските политички избраници, наместо жестоко да го бранат македонскиот интерес и македонската државотворност, кои воедно претставуваат аманет од старите генерации, иронично секакви продажби на интересите од нивна страна биле сервилно понудувани на странските претставници од соседството и од Западот. Со минатопеточниот случај на целата македонска јавност и стана јасно дека Македонија е навистина парадоксална земја. Македонскиот народ и Македонија не капитулираа, и преку бојкотираниот референдум одржан на 30-ти септември го одзеде легитимитетот на овој геноциден процес за менување на името, но политичкиот врв на Македонија обзнани морален колапс, и го продолжи геноцидниот процес кој претставува апсолутно недемократски и нелегитимен, со процедурата во Собранието.

Моралната јавна капитулација, се огледува во тоа што веднаш по неуспешниот бојкотиран референдум, беше започната кампања за окрупнување на мнозинството на пратениците кои би го поддржале овој геноциден процес. Односно од партијата ВМРО-ДПМНЕ, како и од коалициониот партнер на владејачката партија во Грција претходно, Панос Каменос (партија Независни Грци/ΑΝΕΛ), упатија дека постоеле разговори за поткуп, со цел пратениците од македонското Собрание да гласаат и да го поддржат овој геноциден процес. Дополнителен индикатор дека навистина е извршен притисок пред кој пратениците лесно потпаднаа, е и фактот кој упатува на тешките кривични обвиненија кои постојат против пратениците (или обвиненија против нивните блиски) за кои јавноста очекуваше да бидат против овој геноциден процес а гласаа ЗА отпочнување на уставните измени минатиот петок. Дури на обвинетите им беа експресно прифатени барањата и беа експресно пуштени од притворот ден пред гласањето, а општо познато е дека таа судска постапка во нормални услови секогаш трае повеќе, што само претставува уште еден сериозен индикатор кој дополнително укажува и на руинирана независност на третата (судска) власт во државата.

„Кој би можел да замисли во Европа, со нејзините вредности и демократија, тие што нема да гласаат по наредба да се затвораат, а тие што ќе се согласат да гласаат да добиваат бонус од 2 000 000 евра црни пари. Јас сум засрамен“ – истакна на 19 октомври Панос Каменос на својот Twitter профил.

ВМРО-ДПМНЕ стана најголемото разочарување кај Македонците

Најголем дел од македонската јавност по неуспешниот референдум се надеваше на нови предвремени избори, кои партијата ВМРО-ДПМНЕ, партија која себеси се прокламира како заштитник на македонските сеопшти интереси, и која во моментов е најголемата опозициона партија, не успеа да ги добие, иако ги имаше сите поволни услови да ги изнуди од владејачката коалиција, и дополнително да се избори за т.н. технички министри. Наместо да се случеше тоа, кое беше согласно со секаква политичка логика, владејачката коалиција предводена од СДСМ, „чудесно“ одзеде дел од пратеничкиот состав на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ. Неколку часа пред гласањето на Црн Петок (според речникот на партијата ВМРО-ДПМНЕ) и потоа, од опозицијата обвинија за поткупот и притисоците, додека од СДСМ и оние пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои го поддржаа процесот за уставни измени, таквите обвиненија ги отфрлија. На Црниот Петок, седницата во Собранието беше неколкупати одложувана од сабајлето до вечерта, а се гласаше дури некаде околу 21 часот. Околу пладне беа произнесувани шпекулации во медиумите дека е обезбедено „двотретинско“ мнозинство, додека Антонио Милошоски заедно со колегите од својата пратеничка група, самоуверено (намерно или не) веднаш по објавувањето на шпекулациите даде изјава дека нема двотретинско мнозинство и дека пратениците не потпаднале под уцените и поткупот.

„За пратениците поважна е волјата на народот отколку притисоците што доаѓаат од страна на власта. Бараме од Т. Џафери без дополнително одлагање, да ја стави точката на изјаснување, да имаме гласање, и да види владејачкото мнозинство дека нема двотретинско мнозинство и дека нема услови ниту мандат да покрене иницијатива за уставни измени.“ – порача пратеникот Антонио Милошоски неколку часа пред гласањето.

Кратко по гласањето на 19 октомври, партијата свесна за огромното разочарување, реагираше со јавно барање да дадат оставки сите пратеници кои гласаа за поддршка на уставните измени, а исто така ги исклучија од партијата Никола Тодоров (поранешен министер за здравство, претходно на образование) и Сашо Мијалков (поранешен шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање), притоа префрлувајќи им ја сета вина ним за постапката на нивните пратеници, како и со обвинување дека истите дополнително сториле притисок преку организирање на група за истоимена цел, за да пратениците бидат натерани да гласаат. Александар Николовски јавно укажа дека постоела неформална криминална коалиција помеѓу Зоран Заев и Вице Заев со Сашо Мијалков. Митко Јанчев, кој е сегашен градоначалник на општината Кавадарци, и кој е познат по сличните ставови со СДСМ во врска со геноцидниот процес за менување на името, е разрешен од високата партиска функција, додека претходно кратко по неуспешниот референдум беше разрешен и Петар Богојески, кој исто така извршуваше висока партиска функција и кој важи за еден од поистакнатите од прозападната и очигледно влијателната фракција во ВМРО-ДПМНЕ.

„… заради дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ но и на Македонија, заради силна соработка со Зоран Заев како и организирање на група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со цел да гласаат за уставните измени, а користејќи најниски методи, Централниот комитет го разреши потпретседателот на партијата, Митко Јанчев, согласно Статутот на партијата тоа го направи со тајно гласање, на кое што сите членови на Централниот комитет гласаа тајно и резултатот беше едногласен, сите одлучија дека истиот треба да е разрешен.

Понатака го разреши членот на Извршниот комитет, Констадин Богданов.

Централниот комитет заради истите причини побара од матичните општински комитети да поведе дисциплинска постапка и да ги исклучат од членство Сашо Мијалков и Никола Тодоров.

Понатака, Централниот комитет побара 8-те пратеници кои што мандатот го добија затоа што беа на листата на Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а го изневерија народот како и Програмата заради која што се избрани веднаш да поднесат оставка на своите позиции, затоа што работат спротивно на волјата на граѓаните.

Централниот комитет го повикува Јавното Обвинителство по допрен глас да ги истражи наводите за притисоци, закани, уцени и поткуп на пратеници.

И на крај, сакаме да ја честитаме новата криминална коалиција во Република Македонија.“ – изјави Николовски по одржаната ноќна седница во ВМРО-ДПМНЕ.

Реакциите однадвор

По гласањето на 19 октомври, веќе добро познати личности од Западот и соседството, кои имаат удел во геноцидниот процес на директен или индиректен начин, само ја потврдија својата поддршка преку твитови и изјави, иронично глумејќи позитивна „изненаденост“ од демократијата во македонската политика.

Се произнесоа со став и од руската амбасада во Македонија преку Twitter, која упати на тоа дека РФ македонската држава ќе ја признава само како Македонија, што укажува на можноста на идни посериозни чекори од официјална Москва во врска со севкупниот процес за менување на името. Дополнително состојбата и петочниот настан невообичаено беа опширно илустрирани во многуте државни и приватни руски медиуми. Исто така официјална Москва ден пред гласањето потврди дека Западот прави сериозно вмешување во внатрешните работи на Македонија.

„Постои продолжување на најгрубото мешање на САД и ЕУ во внатрешните работи на Скопје, чие ниво веќе ги премина сите можни граници. За целта – да се привлече Македонија во НАТО – која треба да биде постигната по секоја цена“ – истакнале од руското МНР на 18 октомври.

Играта не е завршена

Во суштина гласањето на 19 октомври претставува само една фаза предвидена според Деловникот на македонското Собрание.

„По донесувањето на одлука за пристапување кон измена на Уставот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот.“ – член 196, став 4 од Деловникот на Собранието.

На оваа почетна фаза за промена на Уставот со амандмани, ѝ следат уште фази, кои за да поминат накрајот е потребно двотретинското мнозинство. Што значи ќе следат уште важни седници за гласање, првин за нацртот на измените и тоа за секој од амандманите одделно гласање (член 198, став 3 од Деловникот), за предложените амандмани (член 201, ставови 2 и 6 од Деловникот) а потоа крајната фаза во која ќе се случи најважното гласање и која ќе/нема-да ја стори промената во Уставот.

„(1) Амандманите за измена на Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

(2) Одлука за измена на Преамбулата, членовите за локалната самоуправа, членот 131, која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците, вклучувајќи ги особено членовите 7, 8, 9, 19, 48, 56, 69, 77, 78, 86, 104 и 109, како и одлука за додавање на која било нова одредба која се однесува на предметот на тие одредби и тие членови, Собранието донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.“ – член 202 од Деловникот на Собранието.

Дополнителен проблем може да настане за амандманот за промената на Преамбулата, за кој е предвидено и т.н. бадентерово мнозинство, односно потребно мнозинство гласови од пратениците кои потекнуваат од малцинствата во Македонија. Од партијата Движење Беса на Касами и Алијанса на Албанците, веќе објавија услови, односно уште амандмани кои Македонија преку Уставот ќе ја направат освен обезличена, и бинационална држава со апсолутно парламентарен/собраниски политички систем, каде претседателот на Републиката ќе стане буквално „англиска кралица“ и ќе има ограничено право на вето врз законите донесени од Собранието, најверојатно поттикнати за барање со ваков амандман (еден од четирите објавени на Движењето Беса), од искуството со блокираниот т.н. Закон за употреба на јазиците.